Филипче: Граѓаните организираат бојкоти затоа што се оставени сами на себе
- Актуелниот пораст на цените и незадоволството на граѓаните се директен резултат на неспособноста на Владата на ВМРО-ДПМНЕ, која не презеде никакви конкретни мерки за заштита на куповната моќ на граѓаните, обвини денеска претседателот на СДСМ Венко Филипче.

Скопје, 2 февруари 2025 (МИА) - Актуелниот пораст на цените и незадоволството на граѓаните се директен резултат на неспособноста на Владата на ВМРО-ДПМНЕ, која не презеде никакви конкретни мерки за заштита на куповната моќ на граѓаните, обвини денеска претседателот на СДСМ Венко Филипче.
Во време на владеењето на СДСМ, како што посочи, имало реална причина за раст на цените како резултат на Ковид, финансиската и енергетската криза, но немало протести од граѓаните. Денеска, вели, цените растат без контрола, граѓаните организираат бојкоти затоа што се оставени сами на себе, а Владата молчи и ги штити профитерите.
- Во времето на СДСМ имаше реална причина за раст на цените – високата инфлација како резултат на Ковид, финансиската и енергетската криза, но ние успеавме со сите мерки на владата да ги држиме цените под контрола. Успеавме цената на струјата да не порасне, односно граѓаните да не ја осетат, затоа што беше субвенционирана од страна на владата, рече Филипче во интервју за Радио Слободна Европа.
Тој потсети дека во периодот кога СДСМ беше на власт, државата активно интервенирала за да го заштити животниот стандард на граѓаните.
- И во најголемите кризи воспоставивме систем во којшто континуирано растеа платите. Минималната плата се зголеми за три пати, просечната плата порасна двојно, ја надминавме границата од 500 евра и стигнаме на над 600 евра, односно околу 40.000 денари. Сега, Владата на ВМРО-ДПМНЕ прва и најбрутално го запре тој раст на платите, нагласи Филипче.
Ја обвини Владата дека со своето не делување дозволила цените да се зголемат неконтролирано, правејќи ги основните производи во земјава поскапи дури и во однос на маркетите во регионот.
- Се најавуваа мерки за стабилизација на цените, а всушност се остави простор маркетите да се подготват за тие мерки. Резултатот е јасен – неконтролиран раст на цените, поскапување на основните производи, а граѓаните останати без заштита, прецизира Филипче. вј/бак/
Фото: Принтскрин